Фудбалерот кој го преживеа корона-вирусот истрча 7 километри за 30 минути

Бартош Бережински, дефанзивецот на Сампдорија, беше еден од седумтемина фудбалери на овој италијански клуб што беа заразени од корона-вирусот. Бережински реши да зборува за своето искуство со смртоносниот вирус, кој, за негова среќа, не му оставил поголеми последици.

Бережински, кој има 27 години, беше тестиран на 14 март кога било потврдено дека е позитивен и му требале три недели за целосно да закрепне.

„До одреден степен очекував да бидам позитивен затоа што неколку луѓе од клубот беа позитивни или се жалеа дека имаат висока температура и дека се без сила. Истите симптоми ги почувствував и јас, но секогаш е лошо чувството кога ќе дознаете дека сте заразени. Веднаш се уплашив за моите најблиски да не сум ги заразил, но, за среќа, тие беа негативни“, започна со споделување на своето искуство со корона-вирусот фудбалерот на Сампдорија.

Полскиот интернационалец, за среќа, немал поголеми проблеми со дишењето како што имале голем број од заболените.

„Знам дека многу пациенти се жалат на проблеми со дишењето, но ,за среќа, јас тоа непријатно искуство не го искусив. Две недели се чувствував многу уморен, но тоа е нормално кога телото е ослабено поради болест. Во понеделникот истрчав околу 7 километри за 30 минути и мислам дека тоа е добар знак дека полека се враќам во форма. Вирусот не ми остави никакви посериозни проблеми, иако додека бев заболен, ги загубив чувствата за мирис и вкус. Ако ги затворев очите, не знаев што јадам“, вели Бережински.

Италија е една од најтешко погодените земји во светот од корона-вирусот. Досега се потврдени над 211.000 инфицирани, а повеќе заболени има само во САД и Шпанија.

- Оглас -

Најнови вести