Фудбалот ги лечи сите рани – Екипата што преброди голема криза со ковид-19 на мегдан против клубот кој бараше првенството да се прекине

Фиорентина против Бреша од 19.30 часот ќе го игра премиерниот меч за двете екипи по рестартот на сезоната во Серија А, а дуелот е интересен поради патешествието што го минаа во екот на пандемијата со ковид-19 од март досега.

Фиорентина имаше дури деветмина заразени од корона-вирусот, меѓу нив и шестмина фудбалери, со што беше при врвот во италијанскиот фудбал според бројот на позитивни тестови.

Виолетовите се мачеа со пандемијата откако во март пријавија дека тројца фудбалери имаат корона-вирус, а потоа во мај им се појавија уште шест случаи, но сите проблеми ги прегрмеа без сериозни последици и денеска се подготвени за рестартирање со меч на „Артемио Франки“, прв по пауза од три и пол месеци.

Бреша имаше и дополнителни проблеми бидејќи токму регионот Ломбардија беше најпогоден во Италија од корона-вирусот, па бараа Серија А воопшто и да не се игра, односно првенството да не продолжи.

Сепак, денеска и фенерџијата во италијанското првенство ќе игра, за првпат по долгата пауза, а во преостанатите 12 кола им преостанува да се надеваат на чудо. Имаат 16 бода, девет помалку од Џенова, која е првата екипа над зоната за испаѓање.

Фиорентина, која е фаворит на мечот, има 30 бода на 13-тото место во Серија А. Денеска во истиот термин од 19.30 часот ќе играат Лече и Милан, а третиот дуел од 27-мото коло се игра на „Ренато дал Ара“ меѓу Болоња и Јувентус од 21.45 часот.

Сите натптревари во Италија се играат без публика.

 

- Оглас -

Најнови вести