Фудбалски земјотрес: Комплетната управа на Јувентус на чело со Ањели си поднесе оставка

И додека целиот свет со големо внимание го следи Мундијалот, шокантни вести пристигнуваат од Јувентус, кој остана без комплетната управа, вклучувајќи го и претседателот на клубот.

Вечерва комплетното раководство на Јувентус поднесе оставка на чело со претседателот на Старата дама, Андреа Ањели, и спортскиот директор Павел Недвед.

Според италијанските медиуми, вечерва се одржал вонреден состанок на Управниот одбор на Јувентус, на кој покрај Недвед и Ањели, оставки поднесоа сите членови на бордот на директори, генералниот директор Маурисио Аривабене, како и Лоренс Дебру, Масимо дела Раџоне, Кетрин Финк, Даниела Марилунго, Франческо Ронкалјо, Џорџо Такија и Сузан Кивуд.

Според италијанските медиуми, причина за оставките е скандалот што го тресе Јувентус со фалсификување на финаниските извештаи за 2018, 2019 и 2020 година за да ги прикрие огромните загуби, поради кои обвинителството во Торино отвори истрага минатиот месец.

Обвинителството дури бараше и притвор за Ањели и Недвед, но судијата го одби нивното барање.

Прашање е дали оставката на Андреа ќе значи и крај на владеењето на семејството Ањели во Јувентус. Андреа беше четвртиот претставник на познатото италијанско семејство, а на чело на клубот дојде во мај 2010 година.

Во тој период Старата дама девет пати беше шампион на Италија, но во последните две години падна во резултатска криза и тронот им го препушти на тимовите од Милано, Интер и Милан, кои го освојуваа Скудетото во последните две години.

- Оглас -

Најнови вести