Ѓаволска сензација на „Олд Трафорд“ – Шефилд го нокаутира Манчестер јунајтед (Видео)

Првокласна сензација на „Олд Трафорд“ вечерва приреди Шефид јунајтед со победа од 2:1 против Манчестер јунајтед во дуел на последнопласираната екипа во Премиер лигата и лидерот пред стартот на ова коло.

Автоголот на Туанзебе го одлучи победникот и ја запечати веројатно и најголемата сензација во новата година на европските терени. Тој момент од 74-тата минута можете да го погледнете ОВДЕ.

Шефилд јунајтед и буквално од единствените две шанси успеа да погоди и да победи за огромно изненадување во 20-тото коло на англиското првенство.

Најавата за подвиг стигна во 23-тата минута, кога Кин Брајан искористи грешка на одбраната на Црвените ѓаволи и погоди за 0:1.

Манчестер јунајтед имаше комплетна иницијатива, но со голот на Хери Мегваер во 64-тата минута успеа само да израмни.

Погодокот на стоперот на Манчестер јунајтед можете да го погледнете ОВДЕ.

Потоа се случи конфузната одбрана на дефанзивците на фаворитот, што заврши со комичен автогол на Туанзебе за победа на гостите, кои останаа на последното место, сега со 8 бода.

Манчестер јунајтед е втор со 40 бода, еден помалку од новиот лидер Манчестер сити, со еден меч повеќе од градскиот ривал.

Во останатите натпревари што се играа вечерва во Премиер лигата, Челзи и Вулверхемптон одиграа без голови, идентично како и Брајтон и Фулам. Барнли ја победи Астон вила со 3:2, а и Евертон и Лестер ремизираа со по еден гол на двете страни.

- Оглас -

Најнови вести