Светското фудбалско првенство секогаш носи најразлични инспирации и новитети, па така, во германскиот град Есен еден 70-годишен навивач ѝ го привлече вниманието на јавноста откако украси улица со стотици знамиња. Овој потег на навивачот е во чест на почетокот на планетарниот собир кој в четврток ќе стартува, а кодомаќини се САД, Канада и Мексико.
Ахим Климек е навивачот кој веќе две децении ја претвора улицата каде што живее во фан зона, а секоја година избира нова тема за декорацијата. Овојпат се одлучи за слоганот „Враќање кон корените“.
„Идејата е да се вратиме на старите вредности. Сите видовме дека веќе бевме елиминирани во групната фаза на последните две Светски првенства, во Русија 2018 и Катар 2022. Се надевам дека ова враќање кон корените ќе го разбуди борбениот дух на тимот и ќе му помогне да постигне подобар резултат отколку во претходните години“, изјави Климек за Ројтерс.
Неговата улица е преплавена со германски знамиња, но меѓу декорациите можете да ги видите и симболите на другите тимови што учествуваат на турнирот. Сепак, доминираат црната, црвената и златната боја на германското знаме, како и фотографии од познати генерации на германскиот фудбал.
Климек истакнува дека за реализација на проектот биле потребни многу труд и време.
„Имам неколку стотици знамиња, помеѓу 400 и 500 куки и 3.000 до 4.000 штипки за прицврстување. Времето не ни одговараше, па сè беше малку доцна, но реакциите на луѓето навистина се одлични. Порано автомобилите минуваа тука со брзина од 30 до 40 километри на час, а сега возат од пет до десет километри на час затоа што сите сакаат да фотографираат од декорациите“, рече тој.
Achim Klimmek, a 70-year-old fan in the western German city of Essen, celebrates his love for Germany’s national football team by hanging hundreds of flags on his street ahead of the 2026 FIFA World Cup https://t.co/ysZQluaAqt pic.twitter.com/uG7ASmnfWf
— Reuters (@Reuters) June 8, 2026
Навивачот додава дека проектот се развивал и растел низ годините.
„Лудо е кога ќе се осврнам наназад. Го правам ова 20 години. Започнувате со нешто мало, а потоа за секое Европско или Светско првенство додавате уште неколку детали. Секогаш мислите дека можете да направите малку подобро, малку повеќе. Сега конечно можете да ги видите резултатите од сето тоа“, рече Климек.
Германија на првиот меч од СП 2026 ќе игра против Курасао на 14 јуни, по што ќе следат натпревари против Брегот на Слоновата Коска и Еквадор. Двете најдобри репрезентации од групата ќе освојат директно пласман во следната фаза од натпреварувањето, додека третопласираната екипа би можела да има шанса да продолжи понатаму.

