Гигантите не се избегнуваат во контролите, напротив, летово ќе има многу дербија  

Листата на пријателски натпревари на некои од најголемите европски клубови е импресивна и летово публиката ќе може да ужива во голем број дербија. Дерби-мечевите од подготвителниот период ќе се играат на четири различни континенти.

На пример, на 20 јули Баерн Минхен и Реал Мадрид ќе си ги одмерат силите во САД, а шест дена подоцна, исто така во земјата на „чичко Сем“, ќе има градско дерби Реал – Атлетико.

На 24 јули во Кина, Јувентус ќе има контрола против ривалот Интер, а на тоа место утредента ќе има англиско дерби Манчестер јунајтед – Тотенхем. Во Јапонија, Барселона ќе се сретне со Челзи, а актуелниот европски првак Ливерпул закажа седум меча, од кои најатрактивен е првиот со Борусија Дортмунд на 20 јули во САД, но треба да игра и со Спортинг на Стефан Ристовски и на 28 јули со Наполи, за кого можеби дотогаш ќе потпише и ќе заигра Елиф Елмас.

Манчестер јунајтед ќе игра и со двата гиганти од Милано, Интер и Милан, како и со Лидс на Езџан Алиоски, а Тотенхем ќе се сретне и со Јуве во Сингапур и со Реал во Германија. Јувентус и Атлетико Мадрид ќе играат на 10 август во Шведска,а ќе има уште многу интересни дуели, со што ова лето нема да биде здодевно по завршувањето на Копа Америка, Голд купот и Африканскиот куп на нациите.

 

- Оглас -

Најнови вести