Ѓоковиќ обвинет дека симулира, а Србинот возврати: Не знаев дали ќе можам да играм

Новак Ѓоковиќ се пласираше во полуфиналето на гренслем-турнирот во Париз откако синоќа по тричасовна борба, го победи Пабло Карењо Буста со 3:1 во сетови. Шпанскиот тенисер беше противникот на Ѓоковиќ, кога Србинот на Отвореното првенство на САД со топче погоди една од линиските судијки и службено го загуби мечот.

Овојпат, на терен Ноле покажа дека е подобар од Карењо Буста, иако Шпанецот го доби првиот сет. По мечот, Карењо Буста го обвини Ѓоковиќ дека симулира и дека намерно барал пауза за медицинска помош, колку да го извади противникот од ритам.

„Секојпат кога ќе се закомплицираат работите за него, тој бара медицински тајмаут. Веќе долго време го прави тоа. Знаев што ќе се случи на Отвореното првенство на САД, знаев што ќе се случи денес, знам што ќе се случува во иднина. Во последнава година секогаш кога има проблем на теренот, бара медицинска помош. Не знам дали е поради притисокот или е тоа нешто што мора да го направи. Потоа продолжува нормално да игра, нели? Не знам дали е нешто ментално или во прашање е некоја болка. Можеби нешто хронично со рамото. Прашајте го него“, рече по мечот Карењо Буста, иако на овој меч Ѓоковиќ официјално не побара медицински тајм-аут.

По прашањата на Карењо Буста, Ѓоковиќ одговори дека имал проблеми со вратот поради повреда здобиена на загревањето.

„Имав малер на загревањето и го повредив вратот. Мојот физиотерапевт Миљан и АТП докторот Поли речиси два часа пред мечот се обидуваа да ми помогнат и да ме оспособат за да играм. Морам да признаам дека беше опасно, не знаев дали ќе можам да играм. На крајот успеавме да го решиме проблемот. Не сакам детално да опишувам за повредата, најважно е што уште сум дел од турнирот“, рече Ѓоковиќ, кој го пофали Карењо Буста дека во првиот сет бил подобар и играл одлично, но потоа едноставно најдобриот тенисер во светот влезе во ритам и стигна до 3:1 во сетови.

Во утрешното полуфинале, Ѓоковиќ ќе игра против Гркот Циципас.

 

 

- Оглас -

Најнови вести