Ѓоковиќ победи во меч на кој по последниот поен двајцата тенисери завршија паднати на тревата

Новак Ѓоковиќ се пласираше во осминафиналето на Вимблдон, откако во меч кој траеше три часа, со 3:1 во сетови го победи Артур Риндеркнеш од Франција. Ова беше прв меч на овие двајца тенисери, а Ѓоковиќ кој е повеќе од една деценија постар, покажа дека уште е во добра форма и посебно инспириран кога игра на неофицијалното светско тениско првенство.

Во првиот сет се водеше голема борба. Двајцата тенисери на почетокот загубија по еден гејм на свој сервис, па резултатот беше 5:5. Тогаш Ѓоковиќ одигра одлично на сервис на противникот и направи брејк кој беше клучен за да го освои сетото со 7:5.

Вториот сет временски траеше речиси идентично како првиот, а само еден брејк беше доволен за Србинот да стигне до 2:0 во сетови. Клучниот момент се случи кога Ѓоковиќ го брејкна Французинот за 2:1, а потоа поведе со 3:1 и до крајот ја сочиува предноста за конечни 6:4 и водство од 2:0.

Во третиот сет Србинот како да ја загуби силата. Риндеркнеш го диктираше темпото и освои пет гејма по ред. Потоа Ѓоковиќ освои еден гејм за да не се случи за прв пат во 20-гоишната кариера на Вимблдон да загуби сет без освоен гејм. Французинот убедливо со 6:1 го освои овој сет и најави борба и во четвртиот сет.

Во четвртиот сет двајцата тенисери беа сигурни на свој сервис и стигнаа до 6:6, па мораше да се игра тај-брејк. Тоа е поле на кое Ѓоковиќ е многу силен и на крајот го доби тај-брејкот со 7:4 за победа од 3:1 во сетови.

Во осминафиналето се пласираше и Јаник Синер кој со 3:0 во сетови го победи Американецот Џенсон Бруксби и тоа по сетови со 6:4, 6:3 и 6:3. Интересно е дека Ѓоковиќ и Синер буквално во иста минута ги завршија дуелите со своите ривали.

- Оглас -

Најнови вести