Новак Ѓоковиќ со 3-1 во сетови го совлада Роман Сафиулин и се пласираше во четвртфиналето на Вимблдон каде ќе игра со Феликс Оже-Алијасим или Алехандро Давидович-Фокина.
Ѓоковиќ ја забележа својата 106-та победа на Вимблдон, со што е сам на врвот на вечната листа по број на победи во машка сингл конкуренција и го остави зад себе Роџер Федерер (105).
Србинот кој има седум титули на лондонскиот гренслем (последен пат триумфираше во 2022), имаше проблеми само во финишот на третиот и почетокот на четвртиот сет. Го загуби третиот, Сафиулин имаше брејк топка на стартот на четвртиот сет, но Новак се извлече и потоа ја презеде контролата и рутински го приведе мечот кон крај.
Новак е на три победи од 25-тата гренслем титула, но најтешкото допрва претстои, ќе има тешко четвртфинале, и теоретски уште потешко во кое би можел да се сретне со првиот фаворит Јаник Синер.

