Ерлинг Халанд дефинитивно е еден од хероите на ова Светско првенство. Тој покажува дека е вистински лидер на норвешката репрезентација која првпат ќе игра во четвртфинале на еден Мундијал. На синоќешниот меч против Бразил, Халанд ги постигна двата гола во победата од 2:1 и со тоа ја продолжи неверојатната низа од 14 натпревари по ред на коишто игра за Норвешка и дава барем еден погодок.
Вкупно на последните 14 средби во националниот дрес, Халанд постигна неверојатни 27 погодоци, што безмалку е просек од два гола на натпревар.
Вкупно во репрезентативната кариера која му започна во 2019 година, Халанд досега даде 62 погодоци во 54 натпревари за Норвешка.
Ако се погледнат дуелите што ги одигра на СП 2026, Халанд во четири средби постигна седум голови (не играше против Франција во групната фаза). Со овие седум гола, тој се израмни на врвот на листата на најдобри стрелци заедно со Лионел Меси и Килијан Мбапе. Овој Мундијал е историски и по тоа што ова е прв пат на еден турнир дури тројца фудбалери да имаат постигнато барем седум голови.

