Голден стејт постави нов НБА-рекорд, Филаделфија дадe најмногу поени во послeдните 29 години

Актуелниот шампион на НБА, Голден стејт, уште еднаш покажа дека нападот е најсилното оружје на „воините“. На гостувањето кај Денвер, Голден стејт победи со 142:111, во меч кој ќе биде запишан во историјата на НБА-лигата. Гостите успеаја во првата четвртина да постигнат 51 поен. Никогаш претходно во НБА, ниту еден тим не успеал да даде 51 поен во првите 12 минути од средбата.

Претходниот рекорд за најмногу постигнати поени во првата четвртина беше 50, а го држеа дури пет екипи. Последен пат 50 поени во воведните 12 минути биле постигнати од страна на Феникс во ноември 1990 година. Голден стејт имаше шут од поле со прецизност од 60 отсто во првата четвртина, кога постигнаа и 10 тројки. На крајот на мечот имаа погодено 21 тројка од 39 удари. Кари имаше 8 од 13, а Томпсон 5 погодени од 8 удари.

Кога се работи за постигнати поени, свое шоу имаа и грачите на Филаделфија. На свој терен „76-ките“ ја победија Минесота со 149:107, во меч на кој постигнаа најмногу поени во последниве 29 години. Од 1990 година, ниту еден состав на Филаделфија не успеал да даде 149 поени на еден меч.

Резултати: Индијана – Феникс 131:97, Филаделфија – Минесота 149:107, Атланта – Оклахома 142:126, Милвоки – Мајами 124:86, Денвер – Голден стејт 111:142, ЛА Лејкерс – Чикаго 107:100.

- Оглас -

Најнови вести