Големината на државата не е важна во фудбалот, или те бива или не те бива

На Светското првенство во фудбал играат 48 репрезентации од целиот свет, но фалат огромни земји како Индија, Кина, Русија, кои од разни причини ги нема на Мундијалот. Всушност од десетте земји во светот со најмногу жители, само две се присутни на првенството, тоа се САД и Бразил.

Фалат Индија, Кина, Индонезија, Пакистан, Нигерија, Бангладеш, Русија и Етиопија. Русија (моментно суспендирана на ФИФА) и Нигерија често се појавуваа на СП во минатото, а Кина и Индонезија само по еднаш учествувале на најпопуларниот спортски настан на планетата. Од друга страна играат Зеленортски острови со само 500.000 жители. 

Индија која има речиси 1,5 милијарди жители, никогаш не била дел од СП во фудбал, иако се квалификуваше за Мундијалот во Бразил во 1950 година, но се повлече помалку од еден месец пред почетокот на турнирот. Не е дека таму нема интерес за фудбалот, иако крикетот е спорт број 1, но чудно е како заостанува толку многу во фудбалот.

Случајот на Кина е можеби позагадочен. Во последните децении, таа стана една од најуспешните земји во историјата на Олимписките игри. Но, машкиот фудбал нема резултати.

„Нема причина [во теорија] зошто Кина не може да произведе фудбалери од светска класа“, смета Марк Драјер, кинески фудбалски експерт со седиште во Пекинг.

„Главниот проблем е што во Кина сè е контролирано од државата и сè е од горе надолу. Потребни ви се фудбалски луѓе кои носат фудбалски одлуки, но има премногу политичко мешање“, смета тој. 

Кина не била на СП од 2002 година, и покрај големите инвестиции во играта од 2010-тите – што вклучуваше преплавување на нејзината професионална лига со разни познати имиња од јужноамериканскиот и европскиот фудбал во обид да се подигне стандардот на играта. 

Во теорија, колку е поголемо населението на една земја, има толку повеќе потенцијални спортисти за регрутирање, но но пракса не е така. Малиот во светски рамки Уругвај, двапати бил светски првак, а нешто поголемата од Уругвај, Хрватска, имаше финале и полуфинале на претходните два шампионати.  

Седум од осумте нации што некогаш го освоиле Светското првенство (Аргентина, Бразил, Англија, Франција, Германија, Италија и Шпанија) имаат релативно големо население. 

Големината на населението е само еден од бројните важни фактори, објаснува британскиот академик и економист Стефан Шимански.

„Фудбалот е многу сличен на начинот на кој функционираат националните економии. За да напредуваат, потребни ви се луѓе. Но, исто така ви требаат и капитал и инфраструктура“, вели Шимански, кој е коавтор на „Сокерномика“, бестселер книга која анализира податоци за да го испита спортскиот успех и неуспех. „Во фудбалот, тоа значи тренинг-објекти и можност за пронаоѓање таленти.“

Шимански забележува дека огромното мнозинство успешни фудбалски нации имаат уште еден заеднички именител: богатство.

Во „Сокерномикс“, Шимански и коавторот Сајмон Купер откриле дека на земјите обично им е потребен „минимален годишен просечен приход по глава на жител од 15.000 долари за да освојат што било“.

Но, Бразил и Аргентина, чиј просечен приход по глава на жител е далеку под овој праг, заедно освоија осум титули на Светските првенства.

Тоа, според британскиот економист, ја покажува важноста на третиот фактор: знаењето. Тоа помага да се објасни, на пример, зошто Уругвај, јужноамериканска нација со 3,5 милиони луѓе, успеа да освои две Светски првенства (1930 и 1950 година). 

„Тоа доаѓа со искуство. Нациите што некогаш го освоиле Светското првенство се оние што доминирале во играта пред 100 години, пред да заврши колонијализмот“.

- Оглас -

Најнови вести