Голманот на Интер кој беше избркан од селекцијата на Камерун се огласи со своја верзија

За голманот на Камерун, Андре Онана, Светското првенство заврши откако се скара со селекторот Ригаберт Сонг. Селекторот одлучи да го изостави Онана од составот за дуелот против Србија, а потоа голманот самоиницијативно се откажа од тоа да биде дел од составот на Мундијалот.

Сонг објасни дека голманот одбил да го послуша неговиот совет да не истрчува толку многу надвор од шеснаесетникот откако статистиката покажа дека Онана имал дури 26 допири со топката надвор од казнениот простор на дуелот против Швајцарија.

Сега со свое објаснување се огласи и Онана.

„Сакам да ја искажам мојата љубов кон државата и националнот тим. Вчера не ми беше дозволено да бидам на теренот и да му помогнам на Камерун, како што секогаш правам во обид да стигнеме до посакуваната цел. Секогаш сум се однесувал така што на прво место сум го ставал тимот. Со целата сила и енергија сум се обидувал да помогнам во решавање на сите проблеми, но овојпат од другата страна не постоеше желба за решавање на проблемот. Како и да е, го поддршувам и ги почитувам одлуките на челните луѓе на нашиот тим и на државата. Моите соиграчи ја имаат целата моја поддршка. Покажавме дека имаме квалитет да стигнеме далеку на турнирот. Вредностите кои ги промовирам како фудбалер, но и како човек се оние кои ги имам научено од моето семејство додека бев дете. Играњето за Камерун секогаш било привилегија за мене. Нацијата секогаш на прво место. Ви благодарам“, беше пораката на Онана.

Во последното коло од групата, Камерун ќе игра против Бразил и африканската репрезентација ќе мора да брка победа ако сака да има некакви шанси да се надева да заврши на второто место.

- Оглас -

Најнови вести