Грчките хулигани планирале хаос: Најдени бомби и палки, па финалето на Купот се одложи

Олимпијакос и АЕК оваа недела требаше да играат меч во финалето на Купот на Грција. Дуелот сепак е одложен откако полицијата пронашла експлозивни направи и ладно оружје во близина на стадионот во Атина, кој требаше да биде домаќин на финалето.

Во рутинска проверка полицијата пронашла направени бомби со бензин, како и дрвени палки. Не се знае чиј „арсенал“ е запленетите недозволени средства. Двата клуба се препукуваат дека мечот треба да се игра в недела, но од Грчката фудбалска федерација, која е и организатор на мечот, најавија дека нема да има финале на 26 јули.

Засега не се знае кога ќе се игра финалето, но најверојатно е дека тоа нема да се игра во Атина. Претпоставка е дека средбата ќе се игра на стадионот на АЕК во Лариса (одалечен 350 километри од Атина) или на Олимпискиот стадион во Волос, кој е одалечен 330 километри од Атина. Грција веќе со години има мака со хулиганите.

Финалето на Купот нема да има ефект за излез во Европа затоа што веќе се знаат сите патници за натпреварите на УЕФА. Олимпијакос како првак оди во второто квалификациско коло од ЛШ, а во квалификациите за ЛШ ќе игра и ПАОК. Во Лигата на Европа ќе има место за АЕК, Арис и Офи.

На Олимпијакос му се брза да го одигра ова финале затоа што на 6 август грчкиот гигант ќе треба да го игра реванш-мечот од осминафиналето во Лигата на Европа против Вулверхемптон. Првиот меч во Атина заврши 1:1.

- Оглас -

Најнови вести