По Санкт Петербург, и Тирана губи финале во еврокуповите – Грција ќе и ја „украде“ на Албанија организацијата на мечот за титулата во Конференциската лига

Тирана и Албанија можат да останат без планираното финале во Конференциската лига што треба да се игра на стадионот „Ер Албанија“ на 25 мај, а најсериозни кандидати за домаќини се Грците, а би се играло во Атина.

Денеска УЕФА ќе одлучи дали ќе има и втора промена сезонава на домаќин на финален натпревар во европските купови откако рускиот Санкт Петербург остана без финалето во Лигата на шампионите, кое поради војната во Украина е преместено во Париз.

Албанските медиуми објавуваат дека речиси сигурно Тирана нема да биде домаќин на финалето во Конференциската лига на УЕФА поради хаосот во Федерацијата.

Претседателот на Албанската фудбалска федерација, Арманд Дука, е суспендиран поради корупциски скандал, а сè уште нема назначено нов претседател, па во таква ситуација УЕФА може да реагира и да ѝ го одземе домаќинството на Албанија.

„Состанокот на УЕФА веројатно ќе биде денеска поплдне и речиси сигурно ќе биде донесена одлука финалето во Конференциската лига да не се игра во Тирана. Чеферин беше во посета на Албанија минатиот месец и јасно кажа дека во ваква ситуација нема да се игра финалето кај нас. Ништо не се смени оттогаш и сега Атина во Грција веројатно ќе ја добие организацијата за мечот за пехарот на 25 мај“, објави албанскиот новинар Ено Скарко.

Веста ја потврди и грчка „Газета“, што само ги потврдува и намерите на УЕФА да го премести финалето во премиерната сезона на Конференциската лига од Тирана во Атина.

 

- Оглас -

Најнови вести