Гвардиола најави ремонт на екипата, вечерва ќе има интересен тест против шампионот

По две години доминација, Манчестер сити вечерва ќе треба да му честита на новиот шампион во Англија, а тоа е Ливерпул. Уште пред почеткот на сезоната беше јасно дека Граѓаните најголемата опасност ќе ја имаат од Ливерпул, но избраниците на Јирген Клоп направија дури воопшто да нема драма околу трката за трофејот. На седум кола до крајот, Ливерпул стана клубот кој најрано го обезбедил трофејот во Премиер лигата.

Токму затоа денешниот дуел во Манчестер, кој требаше да биде спектакл, се претвори само во еден обичен дуел на кој ќе се тестираат варијанти дури и за следната сезона. Пеп Гвардиола, тренерот на Сити, најави дека во летниот преоден рок ќе направи ремонт на екипата.

„Некои наши играчи ќе мора да бидат заменети. Тоа не е катастрофа, тоа е нешто што е нормален дел од фудбалот“, рече Гвардиола, кој од 2016 година е на чело на Граѓаните и во клупските простории има донесено осум трофеи.

Давид Силва, Клаудио Браво и Лерој Сане се тројцата кои сигурно си заминуваат, а не е сигурно ниту останувањето на Серхио Агуеро и Фернандињо. Минатата сезона си замина и тогашниот капитен Висент Компани и не е најдена соодветна замена за него.

„Не е дека ни недостасуваат квалитетни играчи, но потребна е замена за Компани и Силва. Фернандињо и Агуеро имаат уште по една година од договорот и не знам дали ќе сакаат да ја продолжат соработката“, открива Гвардиола.

Калиду Кулибали од Наполи е прв на листата на желби на Сити за засилување во дефанзивната линија. Наполи за да го продаде овој играч бара 100 милиони евра. За разлика од Сити, Ливерпул има компактен тим кој сигурно нема многу да се менува ни следната сезона. Тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп, најави дека и на теренот на Сити сака да покаже зошто неговиот тим сезонава беше толку добар и во рекордно време стигна до тронот.

 

- Оглас -

Најнови вести