Шампионската трка во Премиер лигата влегува во драматична завршница, а главните фаворити за титулата, Манчестер сити и Арсенал, продолжуваат со жестоката битка за врвот.
Долго време се веруваше дека Арсенал прв ќе попушти под притисокот, но токму Граѓаните направија неочекуван чекор назад со ремито на гостувањето кај Евертон. Тоа им овозможи на Топчиите повторно да се вратат на лидерската позиција и на две кола пред крајот сами да ја контролираат својата судбина.
Лондонскиот клуб викендов го очекува дуел против Барнли на домашен терен, натпревар во кој Арсенал ќе има улога на голем фаворит. Од друга страна, Манчестер сити го чека многу понезгодно гостување кај Борнмут.
Ако двата тима ги освојат планираните бодови, одлуката за шампионот ќе падне во последното коло. Тогаш Арсенал ќе му гостува на Кристал палас, додека Сити на „Етихад“ ќе ја пречека Астон вила.
Во меѓувреме, англиските медиуми ги разбрануваа и информациите поврзани со иднината на Пеп Гвардиола. Според пишувањата од Италија, трофејниот стратег би можел да си замине од Манчестер сити по крајот на сезоната.
Како најсериозен кандидат за негов наследник се споменува Енцо Мареска, тренер кој важи за еден од најблиските ученици на Гвардиола. Мареска веќе има искуство во англискиот фудбал, а неодамна беше поврзуван и со Наполи.
„Во Англија сум многу среќен и таму поминав голем дел од кариерата, но како тренер секогаш мора да бидете подготвени за нови предизвици. Ќе видиме што ќе донесе иднината“, порача Мареска.
Доколку навистина се врати на „Етихад“, овојпат како главен тренер, пред него ќе стои огромен предизвик, да го продолжи наследството што зад себе го остава Пеп Гвардиола.

