Големи проблеми за селекторот на Швајцарија, Мурат Јакин, пред осминафиналниот натпревар на Светското првенство против Колумбија. На последниот тренинг пред натпреварот, тројца важни репрезентативци – Јохан Манзамби, Рубен Варгас и Џибрил Соу – беа принудени предвреме да го напуштат тренингот, што предизвика загриженост во швајцарскиот табор.
Од Швајцарскиот фудбалски сојуз не сакаа да откријат детали за нивната здравствена состојба, велејќи дека повеќе информации ќе бидат познати по дополнителните прегледи.
„Фрустрацијата е огромна. Би била голема загуба ако не можат да играат“, рече селекторот Мурат Јакин на прес-конференција.
Сепак, во швајцарските медиуми се појавија и сомнежи дека целата ситуација може да биде дел од тактичка игра пред дуелот со Колумбија. Експертскиот коментатор на SRF, Бени Хугел, не е убеден дека станува збор за вистински повреди.
„Не можам да верувам дека сите тројца играчи се повредија во исто време“, рече Хугел.
Евентуалното отсуство на Манзамби и Варгас би бил огромен удар за Швајцарија. Дуото учествуваше во пет од деветте голови постигнати од швајцарскиот тим на Светското првенство досега.
Проблемите на Јакин не завршуваат тука. Лука Хакез и Мишел Аебишер речиси сигурно нема да бидат подготвени за натпреварот против Колумбија бидејќи веќе неколку дена закрепнуваат од мускулни проблеми и тренираат одделно од остатокот од тимот.
„Нема смисла да има повредени играчи на теренот“, рече Јакин на прес-конференцијата во понеделник попладне пред натпреварот против Колумбија на БЦ Плејс.

