Херојско враќање на Пелистер: Битолчани 59 минути губеа, а на крајот освоија бод кај Шафхаузен

Еурофарм Пелистер одигра нерешено 28:28 на гостувањето кај Кадетен Шафхаузен, во меч од второто коло на ЕХФ Европската лига. Битолчани покажаа неверојатен карактер откако успеаја да извлечат бод од мечот на кој речиси 59 минути беа во негатива.

Шафхаузен започна фуриозно и домаќините направија серија од 5:0, покажувајќи дека сакаат да ги освојат првите два бода во Лигата. Пелистер никако не можеше да влезе во ритам, па во еден момент Шафхаузен поведе со 13:5 и 14:6. До полувреме, Пелистер успеа да намали на пет разлика (11:16).

И на почетокот на второто полувреме Шафхаузен беше многу подобар. Домаќините повторно ја вратија предноста од осум гола (20:12), но потоа следуваше најдобриот период во играта на Пелистер. Битолчани со серија од 6:1 намалија на 21:18, покажувајќи дека нема лесно да се предадат.

Позитивата од три разлика, Шафхаузен ја имаше и во финишот на средбата, кога беше 28:25. Сепак, Пелистер со феноменална игра во одбраната и прецизност во нападот успеа да направи чудо и да стигне до нерешено во мечот на кој речиси 59 минути беше во заостанување.

Со ова реми, Еурофарм Пелистер и Кадетен Шафхаузен стигнаа до првиот бод во групната фаза. Следниот меч битолчани ќе го играат на 16 ноември, на гости кај АЕК.

- Оглас -

Најнови вести