Игор Митрески: Македонците ја сакаат Русија, не е во интерес на рускиот фудбал да играат во Азија

Легендата на македонскиот фудбал, Игор Митрески, даде интервју за руската Мач ТВ, во кое се присети на убавите времиња кога со него во одбраната, Спартак Москва играше во Лигата на шампионите и беше рамо до рамо со најголемите клубови, а има негативно мислење за можната преселба на Русија од европската УЕФА во Азиската фудбалска конфедерација.

„Мислам дека политиката не треба да се меша во спортот и одлуката за исклучување на Русија е неправедна. Зошто руските спортисти да не може да играат? Но, не е во интерес за Русија да ја напушти УЕФА. Со кого ќе играат во Азија, со Киргистан? Ќе нема публика, клубовите ќе треба да играат со десет пати послаби противници. Порано ЦСКА и Зенит ја освојуваа Лигата на Европа, Спартак беше рамноправен со најсилните во ЛШ“, смета Митрески, кој пред повеќе од 20 години направи сензационален трансфер од Силекс во Спартак и заигра во Лигата на шампионите.

Игор беше прашан и за односот на луѓето во Македонија кон Русија.

„Кај обичните луѓе, односот кон Русија е топол. Кај нас 80 проценти од народот се православни, немаат ништо против Русија. Не би имало проблем да се зборува руски во Скопје. Политичарите се нешто друго“, вели Митрески.

Митрески и понатаму ја следи руската лига, особено настапите на неговиот Спартак.

„Гледам мечеви од руската лига. Нивото на квалитет е паднато поради ситуацијата и заминувањето на странците. Попрво би гледал Спартак – ЦСКА отколку Милан – Интер. Пет години живеев во Москва, Спартак за мене е животна приказна, не само клуб за којшто сум играл. Но, тимот го загуби идентитетот, нема свој стил на игра. Јас кога играв, тренерот Романцев забрануваше долги додавања, туку игравме само пасови по земја. Ние не се плашевме ни од Реал, Баерн и Арсенал, а сега Спартак е обичен руски прволигаш“, заклучува Митрески.

- Оглас -

Најнови вести