Играчите кои примија седум гола за едно полувреме се вистински херои, а од Бенфика сега жалат што се случило тоа

Синоќа во Португалија се играше еден необичен меч, кој на крајот не го дочека крајот. Беланенсеш со девет играчи од кои двајца голмани, реши да се спротистави на фаворизираниот Бенфика, но немаше сили.

Гостите започнаа силовито и по само 24 секунди поведоа со 1:0, што беше најава за голеада. До крајот на првото полувреме, Бенфика даде седум гола. На почетокот на вториот дел, на теренот излегоа само седум фудбалери на Беланенсеш, додека двајца останаа во соблекувалната поради повреда.

Само што започна вториот дел, уште еден фудбалер на домаќините падна на теренот и побара да излезе затоа што е повреден. Во ситуација кога Беланенсеш остана со само шест играчи во поле, судијата мораше да го прекине мечот, затоа што домаќините немаа минимален потребен број на фудбалери за играње.

Претседателот на Беланенсеш откри дека во 19:13 часот биле познати и последните резултати од ПЦР тестовите, кога се дознало дека само деветмина фудбалери се негативни и може да играат против Бенфика, додека дури 17 се заразени со Коронавирусот.

„Срамота е тоа што се случи. Во текот на денот баравме мечот да се одложи, но јасно ни рекоа дека мора да играме ако имаме осум здрави фудбалери. Фудбал гледам веќе 48 години и досега немам видено фудбалери кои имаат толку достоинствен став како моите играчи кои играа против Бенфика. На сите им покажаа што значи да се има достоинство. За мене тие фудбалери се херои“, вели првиот човек на Беланенсеш, Руи Педро Соарес.

Од Бенфика потенцираат дека ова е дел од „црната историја на португалскиот фудбал“.

„Ако ние не се појавевме на теренот, ќе ни одземаа бодови. Тажни сме што вака се случи на крајот, но тоа навистина нема врска со нас. На никој од нас не му е мило што тоа се случи. Јас сум бил играч и можам да замислам како им беше на фудбалерите на двата тима на теренот. Ова не е добо и се надевам дека никогаш нема да се повтори“, рече претседателот на Бенфика, Руи КОста.

Дисциплинската комисија во португалското првенство покрена постапка против Беланенсеш, под сомнение дека домаќините намерно останале само со шест фудбалери во поле. Ако се докаже дека тројцата играчи кои се пожалија на повреда, дека симулирале, тогаш на клубот може да му бидат одземени меѓу пет и осум бодови на табелата. Бенфика службено ќе го добие прекинатиот меч со 3:0.

- Оглас -

Најнови вести