Икер Касилјас официјално објави крај на кариерата, освои сè и оди во пензија!

Шпанскиот голман Икер Касилјас (39) и официјално стави крај на својата кариера. Чуварот на мрежата на Реал Мадрид, шпанската репрезентација и Порто, во кариерата одигра над 1.000 меча и освои 24 трофеи. Тој е единствен во историјата на фудбалот кој како капитен подигнал пехари на Светско првенство, Европско првенство, Лига на шампиоини, шпанско првенство, куп и суперкуп, европски суперкуп и светско клупско првенство.

Касилјас дебитираше на 12 септември 1999 година на „Сан Мамес“ во Билбао, а последен пат бранеше на 26 април 2019 година. Одигра 1.048 меча на професионално ниво, од кои 725 за Реал Мадрид и 168 за А тимот на Црвената фурија.

Благодарение на неговите чудесни одбрани, навивачите на Касилјас го викаа „Сан Икер“, бидејќи правеше чуда и го спасуваше голот како да е некој светец испратен од Господ.

Тој беше капитен на Шпанија во 2010 кога првпат станаа светски прваци, во финалето имаше една незаборавна одбрана против Арјен Робен.

По завршувањето на кариерата, легендата Касилјас останува во фудбалот, во иднина планира да се кандидира за претседател на шпанската фудбалска федерација.

Во својата објава Касилјас рече дека денешниот ден му е еден од најтешките, но дошло време да се каже збогум. Неговата кариера веројатно ќе траеше подолго ако не се случеше срцевиот проблем кој го имаше кога на тренинг на Порто претрпе срцев удар.

„Здраво на сите. Дојде време да се каже збогум. Денеска ми е тежок, но нема да кажам тажен ден. Среќен сум што направив многу со работата која најмногу ја сакам, фудбалот. Моето патување низ светот на фудбалот траеше 30 години, долго патување кое имаше и убави и тажни моменти. Но, вредеше. Мора да им се заблагодарам на жена ми, на децата, за поддршката и жртвувањето кое го имаа, благодарност до моите клубови Реал Мадрид и Порто. Во Реал станав тоа што сум, се заљубив и во Порто каде ме пречекаа со раширени раце. Им благодарам и на претседателите кои веруваа во мене, до соиграчите, тренерите, селекторите, навивачите, противниците. Му благодарам на фудбалот, патувањето не е завршено, повторно ќе се сретнеме“ – напиша Касилјас меѓу другото.

 

- Оглас -

Најнови вести