Имаше фудбалски ѕвезди кои беа родени да бидат втори!

Неодамнешната изјава на италијанската легенда Паоло Малдини дека себеси се смета за најголем губитник бидејќи загубил неколку важни финалиња во кариерата, не е баш точна. Малдини има 25 трофеи и секако не е губитник како некои други. Има многу поголеми лузери од него меѓу ѕвездите на светскиот фудбал.

Лотар Матеус играше многу долго, настапи и на пет Светски првенства, еднаш стана светски првак, двапати губеше финале, но не освои титула во Лигата на шампионите. Тоа важи и за Бразилецот Роналдо.

Хавиер Маскерано со Барселона освои 19 трофеи, имаше супер клупска кариера, но како репрезентативец многу страдаше и пролеа многу солзи. Маске има олимписко злато, но во кариерата загуби 11 финалиња, од кои пет со Аргентина (едно на СП и четири на Копа Америка).

Во Лигата на шампионите најголем малер е Патрис Евра. Францускиот бек од 2004 година наваму загуби дури четири финални средби (двапати со Манчестер и по еднаш со Монако и Јувентус) во најсилното клупско натпреварување. Додуша тој доби и едно финале со Манчестер јунајтед, а со репрезентацијата загуби финале на ЕП 2016.

И Арјен Робен испушти многу шанси да има побогата ризница на трофеи. Тој загуби шест финалиња. Голманот Џанлуиџи Буфон нема титула во ЛШ, а трипати играше финале. Три загубени финалиња со Јуве има и Алесандро дел Пјеро, но тој и доби едно.

Сепак, се чини дека Германецот Михаел Балак е најголемиот губитник. Освои 13 трофеи, но ќе остане запаметен како играч на кој секогаш му фалеше еден чекор до најголемите цели. Со Баер Леверкузен во 2002 за десет дена загуби три пехари (титула во Бундеслига, пораз во финале на ЛШ и загубено финале на Германскиот куп). Неколку месеци подоцна, неговата Германија загуби финале на СП. За него, проклета беше и 2008 година, кога загуби финалиња во ЛШ и ЕП.

Од тренерите, ненадминлив е Ектор Купер. Губеше важни финалиња со Валенсија, од кои две во ЛШ, со Интер во последно коло го загуби Скудетото, губеше финалиња на Грчкиот куп со Арис, а како селектор на Египет загуби финале од Камерун во битката за титула во Африка.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести