Сите се радуваа на македонската сензација, а првиот човек на ФИФА: Ми се плачеше кога Италија испадна

Џани Инфантино жалел по поразот на Италија од Македонија во полуфиналниот бараж за настап на Светското првенство и си призна дека сакал и да плаче по елиминацијата на четирикратните светски прваци.

Македонија приреди сензација во Палермо и победи со 1:0, а потоа загуби со 2:0 од Португалија, селекција што ќе игра на Мундијалот во Катар.

„Ми се плачеше кога Италија загуби и испадна“, вели Инфантино за „Газета дело Спорт“.

Инфантино е роден во Швајцарија, но има италијански корени, а додава дека Италија предолго ќе биде отсутна од Мундијалите.

„Ако се пласираат за Светското првенство во 2026 година, тоа сепка ќе бидат долги 12 години без Аѕурите на Мундијалите. За сите италијански љубители на фудбалот е жално што ќе има толкава пауза“, изјави Инфантино.

Со ниту еден збор не го спомна подвигот на Македонија, која ја победи Италија на чесен начин и ги освои срцата на љубителите на фудбалот на целата планета.

Сега се појави и шпекулација дека е можно Иран да биде суспендиран, поради дискриминација на припадничките на понежниот пол, кои не беа пуштени на стадион, па Италија низ иглени уши да се протне на Мундијалот во Катар.

Италија е најдобропласирана на ФИФА ранг-листата од сите селекции што испаднаа во баражите, па се крои и такво сценарио тие да играат наместо Иран, иако Македонија и Шведска играа финални баражи во кои загубија.

Ждрепката за мундијалските групи ќе се одржи утре во Доха од 17 часот.

 

 

- Оглас -

Најнови вести