Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, јавно се обрати по големите реакции што следуваа откако на американскиот репрезентативец Фоларин Балогун му беше укината автоматската суспензија по црвениот картон.
Балогун беше исклучен на натпреварот против Босна и Херцеговина во шеснаесетфиналето на Светското првенство и според правилата требаше да го пропушти осминафиналниот дуел со Белгија. Сепак, ФИФА донесе одлука да ја суспендира казната, по што се појавија информации дека американскиот претседател Доналд Трамп извршил притисок врз Инфантино и Светската куќа на фудбалот.
Трамп подоцна потврди дека телефонски разговарал со Инфантино, но истакна дека не побарал промена на одлуката, туку само случајот повторно да биде разгледан.
FIFA President Gianni Infantino:
— FIFA Media (@fifamedia) July 6, 2026
“I have seen the public comments regarding the decision of the independent FIFA Disciplinary Committee related to the suspension of Folarin Balogun, and I would like to reiterate a fundamental principle of FIFA’s governance.
“FIFA’s judicial… pic.twitter.com/FzeWuMQIXf
Инфантино, преку официјалниот канал на ФИФА, порача дека дисциплинските органи на организацијата работат целосно независно.
„Ги видов јавните коментари поврзани со одлуката на независната Дисциплинска комисија на ФИФА во случајот со Фоларин Балогун и сакам уште еднаш да нагласам едно од основните начела на нашето работење.
Правосудните тела на ФИФА се независни. Тие работат автономно, го применуваат Дисциплинскиот правилник и носат одлуки врз основа на прописите и фактите што им се доставени. Нивната независност е од суштинско значење за кредибилитетот и интегритетот на фудбалот и таа секогаш мора да биде почитувана.
Редовно разговарам со претседателот на Соединетите Американски Држави за прашања поврзани со Светското првенство. Во овој случај примив повик од Доналд Трамп, исто како што добивам повици и од други шефови на држави, владини претставници, луѓе од фудбалот и деловната заедница.
За време на разговорот му објаснив дека во тек е правна постапка пред независните органи на ФИФА и дека надлежните тела ќе донесат одлука согласно правилата. Така функционира системот на ФИФА и секогаш ќе го почитувам тој принцип.
Одлуките на Дисциплинската комисија ги читам кога ќе бидат донесени. Понекогаш ме изненадуваат, понекогаш се согласувам со нив, а понекогаш не. Но, секогаш ги почитувам одлуките и автономијата на телата што ги носат. Личните ставови не се важни – почитувањето на независните институции и владеењето на правото се темелот што го штити интегритетот на нашите натпреварувања и кредибилитетот на ФИФА“, изјави Инфантино.

