Италијанците мислат дека се многу јаки, со Шпанија ќе се види дали е така

Со дуелите Полска – Белгија од 18.30 и Италија – Шпанија од 21 часот, денеска стартува Европското првенство во фудбал за играчи до 21 година. Многу поинтересен меч се очекува во Болоња, каде што „аѕурите“ ја пречекуваат „црвената фурија“, и тоа ќе биде пресметка на два кандидати за место во финалето.

Моизе Кен, Патрик Кутроне и Федерико Киеза се предводници на нападот на Италија, во средниот ред ги имаат Николо Ѕаниоло и Лоренцо Пелегрини од Рома, па веројатно „аѕурите“ со право се надеваат на успех, особено што ќе играат пред своја публика. Италија има пет титули, последната во 2004 година.

Шпанците немаат генерација како онаа преклани кога стигнаа до финалето на ЕП во Полска, но со Валјехо од Реал Мадрид во одбраната, Солер од Валенсија, Себаљос од Реал, Форналс кој потпишпа за Вест Хем и Ојарсабал од Сосиедад во средниот ред, и Мајорал од Леванте во нападот, и тие имаат тим за високи дострели. „Црвената фурија“ четири пати била младински европски шампион, а последна титула им беше онаа во 2013 година.

Освен Италија и Шпанија, со ѕвезди на Еуро 2019 дојдоа и Англија која го има Фил Фоден од Манчестер сити и Србите кои го имаат 60-милионскиот Лука Јовиќ кој од Ајнтрахт прејде во Реал Мадрид. Французите надежи полагаат во 20-годишниот Хусем Ауар од Лион.

- Оглас -

Најнови вести