Изјавата на Кејн како мелодија за ушите на Мурињо

Доколку сезоната во Премиер лигата продолжи, а така треба да биде според најавите иако уште се расправа на таа тема, Тотенхем значително ќе биде засилен за првото коло по рестартирањето. Клучниот играч и капитен на Петлите, Хари Кејн, целосно ја надмина тешката повреда на тетивата во задниот дел на бутниот мускул на левата нога, со која се здоби на почетокот од годинава.

Кејн вели дека ќе биде на терен уште од самиот почеток на првенството, а со оглед на тоа дека екипата на Жозе Мурињо ќе се соочи со Манчестер јунајтед, неговиот поранешен клуб, ќе му падне камен од срце што ќе може да смета на англискиот репрезентативец.

„Се чувствував одлично и пред да се случи прекинот на сезоната. Ги поминав сите фази на закрепнување освен тимски тренинг. Без проблеми ја следев програмата која ми беше дадена да работам на неа додеа траеше карантинот. Без разлика кога ќе почне првенството, јас ќе бидам подготвен за игра уште од првиот натпревар“, истакна Кејн.

Со Кејн во нападот, Тотенхем секако ќе биде поопасен во продолжението од сезоната, во која Петлите ќе се обидат да стигнат до местата кои водат во Европа. Пред прекинот, лондонскиот тим се наоѓаше на осмото место на табелата со 41 бод по 29 првенствени меча.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести