Еден од најдобрите кошаркари на денешницата, Србинот Никола Јокиќ се подготвува да го потпише најпрофитабилниот договор во историјата на НБА и да стане првиот играч со годишна плата од над 70 милиони долари. Иако неговиот тим Денвер Нагетс разочара сезонава и беше елиминиран уште во првата фаза од НБА плејофот, 31-годишниот центар останува централна фигура околу која се гради иднината на оваа франшиза.
Пред Јокиќ се две опции за продолжување на соработката, а во двата случаи сумите се вртоглави. Првата опција е да потпише таканаречен „супермакс“ договор за четири години вреден дури 278 милиони долари, доколку одбие да ја искористи опцијата за играч за сезоната 2027/28. Со просечна годишна плата од 69,5 милиони долари, ова би го срушило рекордот на Шаи Гилџис-Александар.
Втората, пократка опција вклучува активирање на постојната опција за сезоната 2027/28 и потпишување на тригодишно продолжување во вредност од 214 милиони долари. Во ова сценарио, Јокиќ би станал првиот играч во историјата кој заработил повеќе од 70 милиони долари во една сезона.
Јокиќ јавно има потенцирано дека негов план е целата НБА кариера да ја помине во тимот на Денвер, каде прв пат дојде во 2015 година. Тој го водеше тимот до нивната прва и засега единствена титула во НБА во 2023 година, кога беше и MVP на финалето. Тој беше MVP на лигата три пати – во 2021, 2022 и 2024 година.

