Јуни и јули 2021 ќе бидат „Кој ќе преживее, ќе раскажува“

Пандемијата на Коронавирусот придонесе за одложување на Европското првенство и шампионатот на Јужна Америка за следната година, па најсилните континентални шампионати ќе се одржат во исто време, од 11 јуни до 11 јули 2021 година. Но, тоа е само дел од серијата настани кои ќе го задржат вниманието на љубителите на фудбалот.

На 29 мај 2021 во Санкт Петербург ќе се игра финалето во Лигата на шампионите. Од 2 до 6 јуни е завршницата на Лигата на нациите, а од 11 јуни до 11 јули ќе се играат Евро и Копа Америка. Светското клупско кое ќе се игра по новиот формат со 24 тима, засега е закажано за 17 јуни до 4 јули, што значи ќе се поклопи со ЕП и Копа. Дефинитивно ќе биде пренатрупано и многу ќе биде напорно за некои фудбалери.

Во мај и јуни ќе се игра и Светското првенство за фудбалери до 20 години, ЕП за играчи до 21 година, а во јули има и ЕП за жени.

НА АЗАР, ЅАНИОЛО, КЕЈН, ДЕМБЕЛЕ, САНЕ, АСЕНСИО ИМ ОДГОВАРА ШТО ЕП НЕМА ДА СЕ ИГРА ГОДИНАВА

Најзадоволни што ЕП нема да почне на 12 јуни годинава се оние фудбалери кои се повредени во моментов и чиј настап беше неизвесен или невозможен летово. Такви се: Италијанецот Ѕаниоло, Англичанецот Кејн, Французинот Дембеле, Белгиецот Азар, Шпанецот Асенсио, Германецот Сане, Холанѓанецот Депај, Турчинот Тосун.

Од друга страна, на ветераните не им одговара одложувањето бидејќи којзнае во каква форма би биле следното лето. Некои фудбалери кои имаат 35 или повеќе години, а годинава сигурно ќе беа во националните тимови, ќе мора да се надеваат дека нема да паднат во формата за една година и дека сепак ќе може да играат и во 2021.

- Оглас -

Најнови вести