Јувентус тоне сè подлабоко, сега и УЕФА отвори истрага против Старата дама

Само неколку часа откако јавното обвинителство во Торино поднесе кривични пријави против сега веќе поранешниот претседател на Јувентус, Андреа Ањели, и комплетната управа на Јувентус, реагираше и Европската фудбалска федерација (УЕФА), која отвори истрага против Старата дама.

УЕФА објави дека се истражува потенцијално прекршување на правилата за лиценцирање и финансиски ферплеј.

„Во истрагата ќе се фокусираме на можното прекршување на финансиските правила по неодамнешните наводи како резултат на истрагата на јавниот обвинител во Торино. На 23 август, телото за финансиска контрола на УЕФА потпиша договор со Јувентус врз основа на финансиските информации претходно испратени од клубот, кои се однесуваат на годините 2018, 2019, 2020, 2021 и 2022 година. Во случај ситуацијата по завршувањето на истрагата значително да се разликува од таа кога е постигната спогодбата или доколку се појават нови факти, го задржуваме правото да го раскинеме договорот и да преземеме правни дејствија, што може да бидат согласно со процедуралните правила. Ќе соработуваме со властите во Италија и нема да се огласуваме додека не заврши истрагата“, соопшти прес-службата на Европската куќа на фудбалот.

Денеска јавното обвинителство поднесе кривични пријави за комплетната управа на Јувентус, која во понеделникот си поднесе колективна оставка поради фалсификување документи за трансфер на пари и играчи, ширење лажни информации за финансиската состојба на клубот, манипулирање на пазарот, попречување на работата на ревизорите, ограничување на пристапот во просториите на клубот на даночните инспектори.

- Оглас -

Најнови вести