Јужноамериканските квалификации ќе се играат во Европа, може ли Меси да дојде во Скопје?

Јужноамериканските квалификации за следниот Мундијал во Катар заглавија со пандемијата со Ковид-19 и сериозно се размислува да се играат во Европа и би почнале кон крајот на годинава.

Реномираниот уругвајски медиум „Ел Паис“ објави дека сериозно се размислува за таква опција, а речиси за сите јужноамерикански селекции не би било проблем дуелите за пат на Светското првенство во Катар 2022 година да се играат на Стариот Континент.

Грото фудбалери им играат во Европа, освен репрезентативците на Боливија, а „Ел Паис“ пишува дека токму настапите на јужноамериканска почва би биле исцрпувачки за играчите што доаѓаат од Европа.

Тие би патувале долго, а во вакви услови кога пандемијата не е стивната би требало да бидат во двоен карантин, кога ќе патуваат во двата правци, од Европа за Јужна Америка и потоа при враќањето назад во своите клубови.

Патем, како позитивен пример се наведува финалето на Копа Либертадорес во 2018 година што се играше во Мадрид, по инцидентите во Буенос Аирес.

Двата вечни ривали од Аргентина, Ривер плејт и Бока јуниорс одиграа реванш-меч за титулата на „Сантијаго Бернабеу“, а финалето што го доби Ривер со 3:1 го гледаа 72 илјади гледачи на храмот на фудбалот.

Би било интересно ако најавата на „Ел Паис“ се оствари и сите мечеви од јужноамериканските квалификации се играат во Европа. Тоа е шанса и за Скопје да ја пријави националната арена „Тодор Проески“ за некој од мечевите, секако ако до крајот на годинава успееме да се справиме со пандемијата со Ковид-19.

Македонија веќе организираше голем фудбалски спектакл во август 2017 година, кога во Скопје играа Реал Мадрид и Манчестер јунајтед за пехарот во Суперкупот на Европа.

- Оглас -

Најнови вести