Капитенот на Пелистер предупредува: Први сме на полусезона, но треба да се приземјиме

Сезоната 2020/21 во Првата кошаркарска лига на Македонија со доста прекини ја дочека полусезонската пауза, а во Новата 2021 година, на пријатно изненадување, Пелистер влегува како лидер во шампионатот со максимален учинок од шест победи.

Со победата на гости кај Работнички во последното одиграно коло, Пелистерци го потврдија статусот на т.н. зимски шампион. Битолскиот состав издоминира во првата половина од сезоната со тоа што во пет од вкупно шест победи одржуваше просек од над 100 поени.

Капитенот Бојан Трајковски е задоволен од прикажаното на екипата, меѓутоа предупредува дека треба приземјено да се дочека остатокот од сезоната со цел да се одржи позитивниот учинок.

„Пред сè сакам да им се заблагодарам на сите кои се инволвирани во овој проект и ни даваат поддршка во тоа што ние со тренерот го работиме и го остваруваме. Во период кога корона-вирусот преовладува, тешко е да се најде време и начин да се овозможи сè што е потребно за да се остваруваат добри резултати, но управата и сите останати успеаја во тоа. Со нивна помош, а со нашата работа, се избориме да бидеме на првото место на половина од сезоната, што не беше ниту малку лесно. Сите што сме во клубот знаеме каде почнавме, а каде сме сега. Тоа не треба да ни биде ветер во грб, туку треба да се приземјиме, да ги одмориме главите за празниците, па здравје, во Новата година да продолжиме со добрите резултати“, вели капитенот Трајковски.

И Марјан Илиевски, тренерот на Пелистер, прговори околу настапите на својата екипа, а неговата изјава можете да ја слушнете на видеото подолу.

Домашното кошаркарско првенство продолжува со натпреварувањето на 16 јануари, а Пелистер на домашен терен го пречекува Кожув во мечот во којшто ќе ја брка седмата последователна победа.

- Оглас -

Најнови вести