Карачиќ: Дојдете во Македонија и нема да зажалите

Хрватска попладнево против Чешка ќе игра меч кој нема да биде многу важен за Коцкестите затоа што тие се сигурни во полуфиналето, а во последното коло против Шпанија ќе решаваат за првото место во групата. И покрај тоа што нема некое резултатско значење денешниот меч, Хрватите сигурно ќе сакаат да го продолжат перфектниот резултатски учинок на ЕП во Австрија.

Во последниот меч, Хрватска во неверојатна завршница со 25:24 ја победија Германија, а еден од хероите на победничкиот тим беше Игор Карачиќ, кој го даде голот за триумф на Хрватска. Карачиќ по мечот изјави дека тоа го потсетило на многуте неверојатни мечеви кои ги имаше одиграно додека беше во дресот на Вардар.

Во малку порелаксирана атмосфера, Карачиќ за данска телевизија откри детали од неговиот живот. Семејството Карачиќ е од Мостар, а Игор има двајца браќа. Иван игра за репрезентацијата на Босна и Херцеговина, а Горан е голман во турскиот второлигаш Адана. Данците се чуделе како тој игра за Хрватска, а неговиот брат Иван за БиХ, но им објаснил дека на Балканот тоа не е ништо чудно.

Најубавите играчки денови Карачиќ ги има поминато во дресот на Вардар. Во Скопје помина седум и пол години, а двапати беше европски првак. На последниот Фајнлфор, Карачиќ беше прогласен и за МВП на турнирот и е прв Хрват со такво признание, иако пред него на завршницата на ЛШ играле и Балиќ, Дувњак, Чупиќ…

Кога реши да си замине од Скопје, многумина навивачи на Вардар беа разочарани затоа што токму Карачиќ беше еден од главните миленици на фановите. Игор вели дека научил македонски, дека се навикнал на убавата храна која ја имаме и дека Скопје и Македонија ќе ги памти по убаво.

„Луѓето навистина се добронамерни. Премногу се љубезни. Секогаш ќе ве примат во нивниот дом и ќе ви помогнам. Ако сте гурман и сакате да пробате повеќе храна и пијалоци, тогаш дојдете во Македонија и нема да зажалите“, вели Карачиќ, кој открива дека навивачи на Вардар знаеле да му дојдат и под прозор и да му пејат навивачки песни.

Што се однесува до сегашниот Вардар, Карачиќ вели дека има шанси да се врати на старите патеки, само е потребна државна помош. Пред почетокот на оваа сезона, Игор направи трансфер во Кјелце.

Карачиќ е актуелен европски клупски првак, а сега со Хрватска ќе се обиде да биде континентален владетел и на репрезентативно ниво.

 

- Оглас -

Најнови вести