Играчот за врска на Бразил, Каземиро, не го криеше разочарувањето по елиминацијата на Селесао од Светското првенство. По поразот од Норвешка, искусниот фудбалер емотивно зборуваше за пропуштената можност да им донесе радост на милионите навивачи во својата земја.
„Сите Бразилци се разочарани затоа што повторно испаднавме. Тажни сме бидејќи дадовме сè од себе за да ја оствариме нашата цел. Верувам дека во текот на целиот натпревар бевме подобар тим од Норвешка, но таков е фудбалот“, изјави Каземиро.
Фудбалерот не можеше да ги задржи солзите за време на интервјуто и призна дека репрезентацијата не ги исполнила огромните очекувања.
„Не се одвиваше онака како што посакувавме. Имаме квалитет да стигнеме многу подалеку, но не ги оправдавме очекувањата на повеќе од 210 милиони Бразилци“, рече тој.
„Тешко е да се најдат вистинските зборови. Сон на секое бразилско дете е да го освои Светското првенство. Јас имав три шанси да го доживеам тоа и се чувствувам привилегиран. Горд сум на сè што постигнавме јас и моите соиграчи. Работевме напорно и дадовме максимум. Свесни сме дека разочаравме повеќе од 210 милиони луѓе, но животот продолжува. Во вакви моменти единствено сакам да бидам со моето семејство“, изјави искусниот играч за врска.
И покрај болната елиминација, Каземиро порача дека и понатаму со голема гордост ќе го носи дресот на бразилската репрезентација.

