Кин: Да сум во голем клуб, и јас не би прифатил да ми ја скратат платата

Пандемијата со корона-вирусот силно удри по џебот на спортските колективи, а меѓу финансиски најпогодените се фудбалските клубови од топ 5 лигите во Европа. Напоредно се работи на тоа да се најде решение кога и на каков начин би продолжиле шампионатите, додека во меѓувреме клубовите се обидуваат да ги убедат своите играчи да земаат помали плати одреден период, со цел да се покријат трошоци во други гранки, но истовремено да донираат дел од нив во борбата против пандемијата.

Некои веќе одaмна го сторија тоа, но има и фудбалери кои не прифаќаат да им се скрати заработката само затоа што клубовите не остваруваат профит за време на глобалното самоизолирање. Меѓу попознатите ѕвезди е Месут Озил, најплатениот играч на Арсенал со 350.000 фунти неделна заработка, кој не прифати 12,5 отсто скратување на платата како неговите колеги.

Озил периодов трпи критики затоа што не сака да се откаже од примањата, но сепак не е сам во оваа битка. Легендата на Манчестер јунајтед Рој Кин, ја поддржува ваквата одлука.

„Сега да сум член на голем клуб и јас не би прифатил да ми ја скратат платата. Во денешно време гигантите имаат богати сопственици кои сум сигурен дека може да издржат секаква ситуација и да ги покријат трошоците на организацијата. Јас што сакам можам да правам со моите пари, ако сакам ќе донирам бидејќи знам дека платата ми е доста голема, но не и да ме присилуваат на такво нешто. Ќе разберам клубовите во пониските лиги кои се потпираат на вакви одлуки, но не и клубовите поседувани од милијардери“, истакна Кин.

- Оглас -

Најнови вести