Клиперс сакаат ретро – Ленард постигна 43 поени за три четвртини

Кавај Ленард блескаше со 43 поени во ноќ во која во чест на 50-годишнината на Лос Анџелес клиперс, играчите на тимот играа во ретро дресовите на Бафали брејвс. Тоа е оригиналното име на клубот, кој во 1978 година се пресели во Сан Диего и го смени името во Лос Анџелес клиперс. Втората и последна преселба во Лос Анџелес се случи во 1984 година.

Само 12 години подоцна Лу Вилијамс постигна 40 поени во првите три четвртини, а токму ноќеска Ленард по цели 24 години пауза го репризираше неговиот подвиг со 40+ поени во првите три периоди од играта.

Клиперс го декласираа Кливленд со 128:103 и се зацврстија на четвртата позиција со биланс 28-13. И Кливленд слави 50-годишнина, но сезонава играат лошо, па го претрпеа 29. пораз, а имаат само 12 победи.

Над 40 поени ноќеска постигна и Џејмс Харден, но ниту тоа не беше доволно за победа на Хјустон против разиграниот тим на Мемфис. Брадата уфрли 41 поен, но Гризлис славеа со 121:110 и сега имаат шест победи во серија.

Во најдобра форма во моментов е тимот на Јута џез, а стасаа до десет победи по ред со триумф од 118:107 против Бруклин. Кајри Ирвинг беше најефикасен на мечот со 32 поени како слаба утеха за Бруклин, екипа што е осмопласирана во Источната конференција.

Кај џезерите кои се во победнички ритам Инглс постигна 27 поени, Мичел 25, а Гобер имаше 22 поени. Јута со десеттата победа во низа се проби до второто место во Западната конференција со биланс 28-12.

Резултати: Атланта – Феникс 123:110, Бруклин – Јута 107:118, Мемфис – Хјустон 121:110, Милвоки – Њујорк 128:102, Голден стејт – Далас 97:124, Л.А. Клиперс – Кливленд 128:103.

- Оглас -

Најнови вести