Клоп се закани: Ливерпул ќе мора да се откаже од Купот, нека продолжи Арсенал или некој друг

Ливерпул и Арсенал одиграа меч за прераскажување во Лига купот. По 90 минути на „Енфилд роуд“ беше 5:5. Арсенал водеше со 3:1, па со 4:2, а во 93-тата минута имаше предност од 5:4, но Ливерпул не се предаде и со голот на Ориги израмни на 5:5 и се избори за изведување пенали.

По петте удари од белата точка на двете страни, Ливерпул беше подобар со 5:4 и продолжи во четврт-финалето од Лига купот, каде што ждрепката го спои со Астон вила. И покрај магичната победа против Арсенал, тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп беше нерасположен. Не беше тоа поради играта на неговиот тим, туку поради фактот што Ливерпул ќе има неверојатно згуснат распоред во декември, за кога е закажано и четврт-финалето од Купот.

Според распоредот, Ливерпул на 16 декември треба да игра во Лига купот, но тоа е термин и кога треба да отпатува во Катар за да биде дел од Светското клупско првенство.

„Јас не сум загрижен, некој друг треба да биде бидејќи ние нема да можеме да го испочитуваме распоредот на сите натпревари. Од ФИФА ни рекоа кога треба да бидеме во Катар за Светското клупско првенство и ние тоа ќе го почитуваме. Од Премиер лигата ни кажуваат кога треба да играме мечеви во првенството и Лига купот и како што гледате засега сите ги одигравме. Сепак, сега следува период кога нема да може да играме сè според распоредот. Се надевам дека ќе се започне со решавање на овој проблем и ќе се најде нормално време за да се одигра мечот од Лига купот. Секако, не мислам тоа да биде во 15 часот на Божиќ бидејќи тогаш сигурно нема да играме. Ако не се најде нормален датум за играње, тогаш ние нема воопшто да играме. Нека продолжи противникот понатаму или Арсенал нека го преземе местото на Ливерпул во Купот“, рече Клоп уште по синоќешниот дуел со Топчиите, пред да го дознае следниот ривал во Лига купот.

 

- Оглас -

Најнови вести