Актуелниот шампион на Македонија, скопски Вардар, веќе втор ден се подготвува за настапот во Лигата на шампионите, но и за она што го очекува следната сезона на домашна сцена.
Во моментов се комплетира ростерот, а остануваат неколку непознаници. Стефан Цветковиќ е со завршен договор, а за него има интерес од неколку екипи. Според извршниот директор на клубот, Миленко Неделковски, Вардар веќе му понудил продолжување на договорот, но Србинот во моментов бара многу пари, а ниту една од екипите кои имаат интерес за него нема да игра во Лигата на шампионите.
Голем интерес има и за најдобриот стрелец на Вардар и новопечен репрезентативец на Македонија, Азер Омерагиќ. Според Неделковски, интерес за напаѓачот има од екипи од Кипар, Словачка, Уругвај, МЛС-лигата … но во моментов сè уште нема официјална понуда.
Нема да биде изненадување доколку Омерагиќ направи трансфер надвор од Македонија, по одличната сезона, кога постигна 14 гола и беше еден од најзаслужните за титулата на Вардар.

