Кочов: Со 102 примени поени не можеш да победиш

Поразот од Рогашка потврди дека МЗТ Скопје Аеродром има проблем да го запре шутот за три поени на противничките екипи. Одбраната во првото полувреме речиси и да ја немаше кај Аеродромци, МЗТ прими дури 64 поени, па негативата од 16 разлика на пауза беше тешко да се надомести. МЗТ прими 15 тројки, имаше и 13 скока помалку, како и уште една потврда дека агресивноста не беше на потребното ниво.

„Кога на едно гостување ќе примиш 102 поени, не можеше да сметаш на победа. Пред натпреварот се договоривме да бидеме агресивни и да не дозволиме отворени шутеви за три поени. Мора да ги анализираме грешките и да ги поправиме во иднина“, рече тренерот Ѓорѓи Кочов.

Позитивно за МЗТ е што стана прв тим со 800 постигнати поени сезонава во АБА 2 лигата, но по девет кола, тимот има шест победи и три порази. За подобри резултати и атак на првото место ќе мора да се игра поцврсто во одбраната.

Тренерот на словенечкиот тим, Дамјан Новаковиќ, вели дека МЗТ има неверојатен напаѓачки потенцијал, но успеале да победат благодарение на рекордниот број тројки.

„Не е едноставно да го запреш МЗТ, има неверојатен напаѓачки потенцијал. Ние ги погодувавме отворените шутеви и постигнавме сезонски рекорд по бројот на тројки. Имавме и кадровски проблеми, затоа морам да им симнам капа на играчите и благодарност до публиката“, изјави Новаковиќ.

 

- Оглас -

Најнови вести