Екипите на Севилја, Челзи, Барселона и Јувентус синоќа си обезбедија место меѓу најдобрите 16 екипи во Лигата на шампионите. Барселона досега е единствена со четири победи од четири меча и тоа е доволно да е лидер во групата Г, каде што местото во следната фаза го обезбеди и Јувентус.
Старата дама со голот на Алваро Мората во 92-рата минута стигна до трите бода против Ференцварош и со девет поени од четири средби е сигурно најмалку втора. Челзи и Севилја имаат по 10 бода во групата Е и се недостижни за Краснодар и Рен.
Вечерва се играат мечевите од четвртото коло во групите од А до Д, а три клуба имаат можност да обезбедат место во нокаут-фазата. Манчестер сити има перфектни девет бода досега, а вечерва гостува во Пиреја против Олимпијакос, каде што доволно е да не загуби и да остане на недостижна предност во однос на грчкиот тим, кој моментно е третопласиран.
Без грешка засега се и Баерн Минхен и Ливерпул. Актуелниот европски првак Баерн Минхен дома игра со Салцбург и со победа е сигурен патник понатаму, но постојат калкулации според кои германскиот гигант и со реми може да е сигурен.
Ливерпул е единствениот тим без примен гол во ЛШ сезонава, а вечерва на „Енфилд роуд“ ја пречекува Аталанта. Триумф на Ливерпул ќе значи и сигурен пласман во Топ 16 фазата на англискиот гигант.
Фактот дека Баерн и Ливерпул играат дома, но и дека Сити доволно е да не загуби на гости од Олимпијакос е најава дека вечерва ќе се добијат уште три нови осминафиналисти.

