Најпријатното изненадување на СП 2026 е дебитантот Зеленортски острови. Селекцијата за која малкумина знаеја со каков состав располага, на крајот си заминува од Мундијалот со високо кренати глави.
Малата островска земја на Архипелагот има едвај 500.000 жители, а со настапот на Мундијалот во САД, Канада и Мексико, многумина слушнаа за Зеленортски острови. На Мундијалот, Зеленортски острови одигра четири меча и тоа против две фудбалски велесили и ниеднаш не загуби во 90 минути.
Уште на првиот меч против Шпанија кога мечот заврши 0:0, во тимот на Зеленортски острови се промовираше една ѕвезда, а тоа е голманот Возиња. Искусниот 40-годишен ветеран успеа да ја сочува мрежата иако Шпанија упати дури 27 шута кон неговиот гол, а седум беа во рамките на голот.
Возиња веднаш стана ѕвезда, а на социјалните мрежи за само неколку часа доби нови 6-7 милиони следбеници (претходно имаше помалку од 50.000 следбеници). Зеленортски острови потоа ремизираше 2:2 со Уругвај, а во третото коло Возиња повторно имаше „чиста мрежа“ откако одигра 0:0 против Саудиска Арабија и тоа беше доволно да го освои второто место во групата.
Во 16-финалето, Зеленортски острови ја доби Аргентина. Актуелниот светски првак важеше за голем фаворит, но Зеленортски острови повторно предводен од голманот Возиња стигна до 1:1 во регуларните 90 минути. Сепак, по продолженијата, Аргентина славеше со 3:2 и тука дојде крајот на убавата приказна на африканската селекција.
Возиња и против Аргентина блескаше. Гаучосите упатија 22 шута кон неговиот гол, 10 беа во рамките на голот, а Возиња бранеше феноменално.
Интересно е дека на Возиња летово му заврши договорот со тимот на Чавес каде што настапуваше во последните две сезони и сега е слободен играч. Со одбраните на Мундијалот, Возиња има добра препорака само останува да видиме кој клуб ќе го одбере за негова следна дестинација. Не треба да се занемари и фактот дека Возиња стана и интернет сензација и веќе има преку 20 милиони следбеници на Инстаграм.

