Која репрезентација има најлесен пат до финалето, а која треба да помине низ „пекол?“

Репрезентацијата на Холандија, која заврши како прва во групата во која беше и Македонија, е селекцијата која има најмногу среќа по комплетирање на осминафиналните парови на Европското првенство. Лалињата победија на сите три меча во групата и заслужено завршија како први, а за прв ривал во нокаут-фазата ја добија Чешка, која заврши на третото место во својата група.

Ако Холандија ја победи Чешка, во четвртфиналето го очекува подобриот од дуелот Велс – Данска. Тоа се две селекции кои реално се послаби од Лалињата, па на тој начин, тимот на Франк де Бур има отворен пат кон полуфиналето. Првата посериозна пречка за Холандија би бил полуфиналниот дуел. Таму реално треба да го очекува подобриот од осминафиналето меѓу Германија и Англија затоа што една од овие две селекции потоа во четвртфиналето треба да игра со подобриот од дуелот Шведска – Украина. Според костурот кој се формираше, едноставно Холандија може да се прогласи за најголем победник, но сепак, на теренот треба да ја докажат фаворитската улога во осминафиналето, а потоа и во четвртфиналните дуели.

Според поставеноста на костурот, најлошо поминаа Белгија и Португалија. Тоа се селекциите кои ќе играат меѓу себе во осминафиналето. Победникот од овој меч потоа оди на подобриот од Италија – Австрија, што значи дека на повидок е уште едно дерби против Аѕурите.

Ако Белгија или Португалија успеат евентуално да ја победат Италија, во полуфиналето може да ги очекува Франција или Шпанија, што значи дека едноставно тука има пекол кон патот до финалето на ЕП.

- Оглас -

Најнови вести