Конечна одлука: Баерн нема да го откупи Хамес Родригес

Баерн Минхен дефинитивно нема да го откупи договорот на Хамес Родригес, а Колумбиецот набрзо ќе се врати во редовите на Реал Мадрид. Иако според двегодишната позајмица Баварците имаа опција да го откупат Родригес за сума од 42,5 милиони евра, но таа клаузула нема да биде активирана бидејќи и самиот фудбалер не сака да остане во Германија.

Родригес бара од управата, но и од тренерот Ковач да му биде гарантирано место во стартниот состав, услов кој клубот нема да му го исполни. Хамес во две сезони во дресот на германскиот првак настапи на 57 натпревари, а постигна 15 гола и 20 асистенции. Од Бундеслигата ќе се прости со две шампионски титули, како и еден пехар од германскиот куп.

„На интерниот состанот Хамес побара од клубот да не ја активираат неговата клаузула за откуп на неговиот договор од Реал Мадрид. Тој сака да биде редовен стартер и што подолго да биде на теренот, нешто што ние не можеме да му гарантираме, така што нема смисол да го ангажираме перманентно“, истакна извршниот директор Карл Хајнц Румениге.

Иднината на Родригес дури сега е неизвесна, бидејќи сигурно Зидан нема да смета на него. Реал ќе се обиде да го продаде, а како можна следна дестинација се споменува Италија.

- Оглас -

Најнови вести