Крафорд го надмина Мајкл Џордан, Дончиќ со специјални патики поради Новицки, тројка за победа (Фото+Видео)

Дирк Новицки и Двејн Вејд се ѕвездите на вечерта во НБА-лигата, а пишавме и зошто. Сепак, во 11-те мечеви кои се одиграа, имаше интересни моменти кои се за одбележување. Џемал Крафорд влегува во историјата на НБА, и тоа во две категории. Ветеранот на Феникс санс стана најстариот играч кој постигнал 50 поени на еден меч и го сруши рекордот на легендарниот Мајкл Џордан.

Досега Џордан беше најстариот играч кој ја достигнал границата од 50 поени и тоа го имаше направено на 38 години и 315 денови, на меч одигран на 29 декември 2001 година. Сега на Крафорд тоа му успеа на 39 години и 20 денови, a застана на 51 поен на дуелот против Далас. Освен што е најстар кошаркар кој некогаш дал 50+ поени, Крафорд стана и првиот играч во историјата на кому му успеало во четири различни тима да даде 50+ поени.

Најинтересниот меч се одигра во Оклахома, каде што домаќините победија со 112:111 против Хјустон, и тоа благодарение на тројката во последната секунда од средбата. Пол Џорџ имаше мирна рака и погоди на 1,8 секунди до крајот. Џорџ на крајот заврши со 27 поени и девет скока, а прв стрелец кај победничкиот тим беше Расел Вестбрук со 29 поени.

Новата НБА-ѕвезда која се појави оваа сезона, Лука Дончиќ, знаеше како да му оддаде почит на легендарниот Новицки. На последниот меч на Новицки пред публиката во Далас, Дончиќ се појави во специјални патики на кои пишуваше „Ти благодараиме Дирк“.

Резултати: Кливленд – Шарлот 124:97, Детроит – Мемфис 100:93, Вашингтон – Бостон 110:116, Мајами – Филаделфија 122:99, Чикаго – Њујорк 86:96, Минесота – Торонто 100:120, Њу Орлеанс – Голден стејт 103:112, Далас – Феникс 120:109, Јута – Денвер 118:108, Оклахома – Хјустон 112:111, Лос Анџелес лејкерс – Портланд 101:104.

- Оглас -

Најнови вести