Кралот Џејмс слави јубилеен 10-ти трипл-дабл, Далас и Портланд израмнија тројкашки рекорд

Леброн Џејмс одигра нова маестрална партија баскет и го прокнижи десеттиот трипл-дабл сезонава со 27 поени, 12 скока и 10 асистенции во победата на Лос Анџелес лејкерс против Бруклин нетс од 128:113.

Кралот Џејмс, како што го нарекуваат, задутре ќе игра против Филаделфија за нов подвиг во кариерата и ако постигне повеќе од 17 поени против 76-те, ќе го мине Коби Брајант на третото место на вечната листа со најдобри кошгетери.

Џејмс сега има вкупно 33.626 поени во кариерата, а Коби е пред него со 33.643 поени, па многу веројатно е дека Леброн во недела ќе го мине на третото место.

Лејкерс постигнаа рекордни 19 тројки за нив во оваа сезона и лесно се справија со Нетс. За нив ова е 36-та победа сезонава за зацврстување на првото место во Западната конференција.

Сепак, уште поголеми мајстори за удари за три поени се покажаа кошаркарите на Далас, кои погодија 22 пати против Портланд и победија со 133:125. И поразениот тим се приклучи со 21 тројкa, па заедничкиот ефект од вкупно 43 тројки е израмнување на рекордот во НБА на ист меч.

Лука Дончиќ со 27 поени беше најефикасен во победничкиот табор, а блескаше и Демиен Лилард кај Портланд со 47 поени. Тој е првиот кошаркар во историјата на Трејлблејзерс што на два меча по ред постигнал вкупно повеќе од 100 поени, откако на претходниот дуел со Голден стејт вориорс уфрли дури 61 поен.

Веднаш зад Лилард, најефикасен кошаркар во кусата програма од три НБА-меча беше Бредли Бил со 36 поени, а неговиот Вашингтон визардс славеше победа од 124:112 против Кливленд кавалирс.

- Оглас -

Најнови вести