Кратење на Прва лига дури во 2020 година

Намалување на бројот на екипи од 12 на 10 во Прва лига ќе се случи во сезоната 2020/2021, е одлука на Управниот одбор на Македонската кошаркарска федерација. Покрај одлуките за клупски план кои ги имаше неколку, се зборуваше и за репрезентацијата. Доколку Македонија се пласира на ЕП и тоа без ниту еден пораз, наградата ќе биде еден милион денари, додека бонусот ќе биде 750.000 денари, доколку и покрај некој пораз Македонија е дел од завршницата.

Управниот Одбор при Македонската кошаркарска федерација на седницата ги донесе следните заклучоци:

1. Сезона 2018/2019 да се игра со систем бергер од 12 екипи и покрај тоа што се натпреваруваат 11 екипи. Дванаесеттиот испаѓа од прва лига директно,  а единаесеттиот игра бараж (само со домашни играчи) со второпласираната екипа од втора лига. Првопласираната екипа од втора лига влегува директно во прва лига за следната сезона.

2. Сезона 2019/2020 да се игра со систем бергер од 12 екипи. Дванаесеттиот испаѓа директно,  а единаесеттиот игра бараж (само со домашни играчи) со второ пласираната екипа од втора лига. Првопласираната екипа од втора лига влегува директно во прва лига за следната сезона.

3. За сезона 2020/2021 да се изработи предлог со намалување на бројот на екипи на 10 и начинот на влез и излез од прва лига. Исто така да се изработи и предлог за системот во втора и евентуално трета лига.

4. Висината на премијата за сениорската репрезентација доколку се пласира за квалификациите за Европско првенство и тоа:

  • 1.000.000,00 денари нето вкупна сума доколку се пласираат без пораз,
  • 750.000,00 денари нето вкупна сума доколку се пласираат како први во група со кош разлика.

5. Висината на дневниците за сениорските машка и женска репрезентација ќе изнесува 10 евра дневно.

6. Повторно да се испрати допис до сите клубови да пријават тренери и други службени лица меѓу кои и задолжително доктор. Да се известат службените лица на натпреварите (делегати и судии) дека е задолжително екипата да има тренер и доктор на натпревар.

- Оглас -

Најнови вести