Кроше за шпекулациите – За Вернер нема пристигнато ниту една понуда во Лајпциг

Спортскиот директор на Лајпциг, Маркус Кроше изненади со изјавата дека досега ниту една понуда не пристигнала во клубот за Тимо Вернер.

Досега за вториот најдобар стрелец во прекинатата сезона во германското првенство имаше доста шпекулации и интерес од големите клубови, што речиси секојдневно беше објавуван во светските спортски медиуми.

Но, Кроше вели дека нема ништо конкретно за играчот што требаше да биде една од ѕвездите на летниот преоден рок.

„Нема ниту една официјална понуда до Лајпциг за нашиот напаѓач. Нема ниту некакви конкретни разговори со било кој клуб, иако ни е јасно дека има доста клубови што се заинтересирани за Тимо. Игра одлично сезонава, но постојано разговараме со него за да се ослободи од притисокот. Шпекулации има, но не и конкретни чекори од било кој клуб во Европа“, вели Кроше.

Вернер со 21 гол е втор стрелец во Бундеслигата и има шанси во преостанатите  девет кола што треба да се доиграат од 9. мај да му конкурира на кралот на стрелците Роберт Левендовски за титулата најдобар стрелец во Германија. Левандовски е на врвот со 25 голови.

Според досегашните шпекулации најзаинтересиран за ангажман на 24-годишниот германски репрезентативец е Ливерпул.

 

- Оглас -

Најнови вести