5.8 C
Skopje
петок, 14 ноември 2025

Курасао на чекор до историја, да стане најмалата земја учесник на Мундијал

Фудбалерите на Курасао со нова импресивна победа го презедоа врвот на групата во квалификациите за Светското првенство, а пред последното коло им е потребен само еден бод за прв, историски пласман на Мундијал.

Курасао е приказна на годината во квалификациите за Светското првенство. По победата над Бермудските Острови со 7-0 на гостински терен, на репрезентацијата ѝ е потребен само уште еден бод во квалификациите на зоната КОНКАКАФ (Северна и Централна Америка).

Оваа поранешна холандска колонија доколку се пласира на Светското првенство, ќе стане најмалата земја во историјата што настапила на Мундијал – и тоа убедливо. На островот живеат приближно 150.000 жители.

Репрезентацијата на Курасао е составена претежно од фудбалери од холандската лига, а многумина настапуваат и низ Европа. Во минатото имаше случаи три или четири фудбалери истовремено да играат во Премиер лигата, како Вурнон Анита (Њукасл), Куко Мартина (Евертон), Леандро Бакуна (Кардиф), Џунињо Бакуна (Хадерсфилд)…

Синоќа токму браќата Бакуна, Леандро и Џунињо ги постигнаа првите голови за Курасао, а гостите имаа водство од 0-2 на полувремето. Во продолжението видовме вистинска рапсодија на Курасао и уште пет гола во мрежата на домашниот тим.

Талентираниот играч на Борусија Дортмунд, Џорди Паулина, даде два гола, а по еден постигнаа Сонти Хансен од Мидлсборо, Рошон ван Ејма од РКЦ Валвијк и Арјани Марта од Ротерем.

На тимот му одеше во прилог и киксот на многу пореномираната Јамајка, која во претпоследното коло одигра нерешено со Тринидад и Тобаго. Така Курасао едно коло пред крајот е првопласиран со еден бод повеќе од Јамајка.

Тоа значи дека Курасао во последното коло и дербито против Јамајка ќе бара само бод за да стане најмалата држава во историјата што се пласирала на Светското првенство.

Натпреварот се игра на Јамајка.

Доколку не успеат, ќе имаат големи шанси преку баражот да стигнат до Мундијалот.

- Оглас -

Најнови вести