Фудбалската федерација на Франција и официјално поднесе жалба до ФИФА со барање да биде поништен жолтиот картон што го доби Мајкл Олисе на крајот од осминафиналниот натпревар против Парагвај (1-0) на Светското првенство. Ова и откако беше „поништен“ црвениот картон на американскиот фудбалер Фоларин Балогун во пресрет на мечот со Белгија.
Како што и претходно беше најавено, Французите сметаат дека опомената за офанзивецот на Баерн Минхен е неоправдана. Олисе беше санкциониран во седмата минута од судиското продолжение по дуелот со играчот за врска на Парагвај, Матијас Галарза.
Иако францускиот репрезентативец го повлече противникот за дрес, според Французите, нема елементи на удар. Сепак, Галарза падна на тревата, држејќи се за лицето, по што главниот судија Илгиз Танташев од Узбекистан му покажа жолт картон на Олисе.
Во францускиот табор стравуваат дека оваа опомена може скапо да ги чини. Доколку Олисе добие уште еден жолт картон во четвртфиналниот дуел со Мароко, автоматски ќе го пропушти евентуалното полуфинале.
Од друга страна, ако остане без нова јавна опомена против Мароканците, повеќе нема да постои опасност од суспензија бидејќи жолтите картони се бришат пред полуфиналната фаза, доколку фудбалерот има само една опомена.

