Лазаров: РК Вардар е институција, му треба на македонскиот спорт

Најдобриот македонски ракометар, Кирил Лазаров, во интервју за хрватски медиум кажа дека клубот Вардар направил и повеќе од очекуваното и штета би било ако политиката се вмеша и ако клубот веќе не биде на нивото на коешто беше во овие последни години.

„Вардар направи многу, дури и повеќе од тоа што се очекуваше. Најголема заслуга има Самсоненко, кој вложи многу и работеше паметно, а беше и многу упорен. Ако политиката се вмеша, ќе биде лошо. Но, Вардар е институција и се надевам дека ќе биде во ред. Клубот му е потребен на македонскиот спорт и на народот“, вели Лазаров.

Лазаров откри и дека прво тренирал кошарка, идол му бил хрватскиот кошаркар Тони Кукоч, па затоа и го зел дресот со бројот 7, бројот на Кукоч. Но, љубовта кон ракометот му ја пренел таткото, кој има играно ракомет. Кире за овие 20 години во странство покажа дека направил добар избор. Дали и понатаму ќе го гледаме во дресот на репрезентацијата, не се знае.

„Подмладувањето требаше и порано да се направи. Репрезентацијата истрошува физички ако си во сериозни спортски години како мене, а за младите е одличен излог на пазарот. Имаме доста млади интересни играчи кои може да станат врвни. Мислам дека набрзо ќе имаме респектабилна репрезентација. Во Македонија се сака ракометот, народот заслужува да се радува“, вели Лазаров.

- Оглас -

Најнови вести